Балкан

Шефот на бугарската гранична полиција: Нема запис дека Ива Михајлова ја преминала границата, имам претстава како стигнала во Бугарија

Шефот на бугарската гранична полиција: Нема запис дека Ива Михајлова ја преминала границата, имам претстава како стигнала во Бугарија

Бугарската гранична полиција официјално ги известила македонските власти дека во нивниот систем нема евидентирано преминување на Ива Михајлова преку ниту еден од граничните премини меѓу Македонија и Бугарија. Ова денеска го соопшти директорот на бугарската Главна дирекција „Гранична полиција“, Антон Златанов, во интервју за бугарската телевизијата NOVA.

„Веќе испративме одговор до македонските власти – во системот за гранична контрола нема запис за преминување преку бугарско-македонските гранични премини“, изјави Златанов.

Тој категорично тврди дека од страна на бугарските гранични служби не е направен никаков прекршок во врска со случајот, но истовремено признава дека има претстава за начинот на кој Михајлова се нашла на бугарска територија.

„Имам претстава за тоа како Михајлова е во Бугарија, но не можам да коментирам“, изјави директорот на бугарската гранична полиција.

Златанов посочи дека во тек е проверка на случајот, но нагласи дека нема ништо што би укажувало на прекршување на прописите од страна на бугарската држава.

Ваквата изјава дополнително ги отвора прашањата за начинот на кој Ива Михајлова ја напуштила Македонија и пристигнала во Бугарија.

На 12 октомври беше објавено дека Михајлова се наоѓа на бугарска територија. Таа и нејзиниот бугарски адвокат Николај Димитров пред тамошните медиуми тврдеа дека влегле во Бугарија преку официјален граничен премин, при што Михајлова се легитимирала со македонската и бугарската лична карта.

Меѓутоа, македонското Министерство за внатрешни работи соопшти дека во системот на граничната полиција нема евидентирано нејзино излегување од земјата.

Случајот доби и меѓународна димензија откако македонските власти побараа нејзино пронаоѓање, апсење и екстрадиција.

Според информациите што ги објави бугарското МВР на 14 октомври, на 13 октомври во 19:38 часот преку Интерпол – Скопје било доставено барање за меѓународна потрага, апсење и екстрадиција на Ива Михајлова, која поседува македонско и бугарско државјанство.

И покрај официјалната комуникација меѓу институциите на двете држави, засега останува неразјаснето како Михајлова пристигнала во Бугарија без евидентиран граничен премин во системите за контрола.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Борче Треновски, универзитетски професор 15.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни