Фирма во Будимпешта со скопска адреса, отворил поранешниот премиер Никола Груевски кој ужива азил во Унгарија.
Порталот 24.ху наведува дека во Унгарија имало многу реакции од опозицијата што точно прави поранешниот шеф на македонската влада во оваа земја, и досега официјално е само соопштено дека Груевски „бил ангажиран како советник на министерот за надворешни работи на Унгарија за прашања врзани за Западен Балкан“.
Порталот открива дека Груевски отворил приватен бизнис во Унгарија. Неговата фирма ИЦИЦ Кфт, е регистрирана во Пецел, предградие на Будимпешта на 15 јули и тој е директор и основач на компанијата. Нејзина главна активност е бизнис менаџмент и бизнис консалтинг, но фирмата се занимава и со продажба на големо на порцелан, стаклени производи и производи за чистење. Иако се знае дека Груевски живее во Унгарија, тој ја дал скопската адреса како седиште, а адвокатот Каталин Хорнјик е регистриран како овластен правен застапник, пишува порталот.