Македонија

Треновски: Со тековните расходи купуваме мир денес, но сметката од намалените инвестиции доаѓа во иднина

Треновски: Со тековните расходи купуваме мир денес, но сметката од намалените инвестиции доаѓа во иднина

Намалувањето на капиталните инвестиции за сметка на зголемување на тековните буџетски расходи претставува сериозен ризик за долгорочниот економски развој на Македонија.

Ова го предупреди универзитетскиот професор Борче Треновски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, анализирајќи ги буџетските промени и приоритетите во трошењето на јавните средства.

„Со тековните расходи купувате мир сега, меѓутоа сметката со намалените капитални расходи доаѓа во иднина“, истакна Треновски.

Според неговата анализа, со вториот ребаланс на буџетот тековните расходи се зголемуваат за приближно сто милиони евра во однос на првичниот план, додека капиталните расходи се намалуваат за приближно сличен износ.

Професорот нагласи дека капиталните инвестиции се неопходни за економски раст, подобра инфраструктура и зголемување на продуктивноста.

„Одложената капитална инвестиција денес ја носи сметката во иднина“, предупреди тој.

Треновски посочи дека Македонија со години издвојува приближно 2,8 до 3 проценти од бруто-домашниот производ за капитални инвестиции, што според него е меѓу најниските нивоа во регионот.

Дополнително, го отвори прашањето за одговорноста на институциите што планираат проекти, но не успеваат навреме да ги реализираат.

„Доколку проектот не е подготвен, доколку нема техничка документација, нема потреба ни да се стави во буџетот. Кога ќе биде подготвен, тогаш ќе го ставиме и ќе го планираме“, порача професорот.

Тој нагласи дека не е доволно да се градат нови објекти и инфраструктура, туку неопходно е соодветно да се одржува и постојната.

Според Треновски, државата треба многу повеќе да се фокусира на економските ефекти од јавните инвестиции и на вистинската корист што граѓаните ја добиваат од потрошените буџетски средства.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Борче Треновски, универзитетски професор 15.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни