Македонија е вистинскиот предводник во процесот на европските интеграции, а не Црна Гора и Албанија, како што често се претставува во јавноста. Ова го порача премиерот Христијан Мицкоски во синоќешното интервју за емисијата „Клик плус“ на ТВ21, изразувајќи уверување дека земјава може многу брзо да напредува во преговорите со Европската Унија доколку се отстрани блокадата од Бугарија.
На прашањето дали Македонија би можела брзо да ги отвора преговарачките кластери доколку се реши проблемот со Софија, Мицкоски одговори потврдно, оценувајќи дека земјава има поголем потенцијал за напредок од државите што во моментов се посочуваат како лидери во процесот на проширување.
„Не се фронтраннери тие коишто ги спомнуваат Црна Гора и Албанија. Ние сме вистинскиот фронтраннер. Првиот момент кога ќе се одблокира процесот, фуриозно ќе поминеме во тој процес, под услов да не бидеме повторно блокирани за многу кусо време поради условите коишто се дел од, што би рекле, од кај нашиот источен сосед, Споразумението од 2022 година“, изјави Мицкоски за ТВ21.
Премиерот нагласи дека најголемата загриженост на Владата не е само актуелната блокада, туку и можноста Бугарија повторно да го запре македонскиот европски пат во некоја од следните фази на преговорите.
Во тој контекст, тој го посочи и Протоколот 2, кој е дел од договорените документи со Бугарија, оценувајќи дека во него биле направени „катастрофални грешки“.
Според Мицкоски, иако дел од европските партнери тврдат дека протоколот не е дел од преговарачката рамка, тие не можат да обезбедат формален заклучок со кој тоа би се потврдило.
Како дополнителен пример за можни идни блокади, премиерот го посочи Акцискиот план за малцинства, за кој тврди дека 26 земји членки на ЕУ немаат забелешки, додека Бугарија има.
„Утре ние да го смениме Уставот, утре да одлучиме да прифатиме сѐ што сака Бугарија, повторно ние ќе имаме уште еден документ којшто треба со нашиот источен сосед да го договараме и разговараме“, рече Мицкоски.
Тој истакна дека Македонија, според неговата оценка, успешно ги спроведува обврските од реформската агенда и дека во извештајните периоди во декември 2025 и јуни 2026 година била меѓу најуспешните во спроведувањето на реформите и користењето на средствата од европскиот План за раст.
Мицкоски се повика и на оценката на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која при посетата на Скопје ја пофалила работата на земјава.
И покрај оптимизмот дека Македонија може брзо да напредува по отстранувањето на блокадата, премиерот не даде конкретен рок кога би можел да биде отворен првиот преговарачки кластер.
На директното прашање дали тоа може да се случи до крајот на неговиот мандат, Мицкоски одговори:
„Не би можел да кажам ни да, ни не, затоа што не зависи само од мене. За договор се потребни двајца.“
Тој порача дека Владата ќе продолжи со реформите и со дијалогот со Софија, но дека нема да прифати нови отстапки без јасна перспектива за завршување на процесот.
„Нема никогаш да влезам во таков процес без да знам дека има крај. Тоа треба на секој да му е јасно“, нагласи премиерот во интервјуто за ТВ21.