Македонија

Над 10.000 активни случаи на Ковид-19 во земјава

Бројот на активни случаи на Ковид-19 во земјава изнесува 10.380, од кои над половина или 5.562 се регистрирани само во последните пет дена. Една третина од активните случаи се во Скопје – 3.421, додека над 64 проценти се само во три града – Скопје, Тетово и Гостивар.

Болниците во Тетово и Гостивар се преоптоварени, а секој пациент на кој што му е потребно болничко место, по претходна најава се праќа во Скопје. Болничките капацитети се делумно оптоварени и во Кичево и Струга.

Според податоците од Министерството за здравство, во претходното деноноќие биле регистрирани 1.250 нови случаи на Ковид-19, а пријавени се 22 починати лица, на 20 август – 1.074 новозаболени и 22 починати, на 19 август – 1.158 новозабилени и 19 починати, на 18 август 1.081 новозаболени и 15 починати и на 17 август 999 новозаболени и 14 починати.

Само во периодот од 17 до 21 август починати се вкупно 94 лица, додека последен пат без починат пациент е 3 август.

Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 167.991, бројката на оздравени пациенти е 151.957, на починати е 5.654, а бројот на активни случаи изнесува 10.380. Досега во земјата се направени вкупно 1.101.838 тестирања на Ковид-19.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни