Ја изнесоа храната од ќелиите. Затворениците од Казнено – поправната установа „Идризово“, втор ден штрајкуваат со глад. Покрај изјавата на премиерот Зоран Заев дека нема да има општа амнестија, затворениците настојуваат на нивното барање и тие да бидат опфатени, исто како и учесниците од 27 април, или пак, да се разгледаат казните за случаите за кои сметаат дека се превисоки.
„Поконкретно, доживотниот затвор да се замени со затвор во години. Оние кои се обвинети за тероризам, како што оние од 27 април кои сакаат да ги помилуваат и тие извршија дело „тероризам“, а Владата сака да ги амнестира. И тука има затвореници за тероризам. Има и други дела кои претходната амнестија не ги опфати, па затоа настојуваме да ги опфати оваа сега“, изјави затвореник во КПУ „Идризово“.
Според претставникот на затворениците во Идризово неприфатливо е за само една недела да се формира Националното тело за помирување за настаните од 27 април. Вели дека амнестијата од пред неколку месеци ја сметаат за селективна и нереална. Штрајкот со глад може да прекине само доколку Владата ги земе предвид нивните барања или пак доколку се повлече амнестијата за учесниците од 27 април.
„Тогаш и ние ќе го прекинеме штрајкот, но чекаме Владата да преземе некаков чекор“, изјави затвореник во КПУ „Идризово“.
Над 500 затвореници почнаа штрајк со глад, велат лицата кои служат казна во Идризово. Сепак, директорот на затворот, Боби Мојсоски, рече дека бројот на штрајкувачите е помал, односно дека денеска одбиле храна 331 затвореник. Со оглед на тоа што денеска затворениците влегоа во втор ден од штрајкот, неколумина од нив веќе побараа и лекарска помош. Фотографиите кои пристигнаа во редакцијата на ТВ21 покажуваат дека им била дадена инфузија, но сепак, затворениците се жалат на задоцнето укажување помош. Директорот Мојсоски, во телефонски разговор ни рече дека добиваат медицинска помош, и покрај тоа што затворениците не најавиле дека ќе започнат штрајк со глад, па затоа, институцијата не им одредила посебен лекарски надзор. Затворот Идризово денеска го посетија и од канцеларијата на Народниот правобранител. Иџет Мемети, тврди дека 550 затвореници одбиле храна, а нивното барање да бидат опфатени во амнестијата, го доставиле и до Собранието.
„Поврзано со овој допис, се обративме до Телото за помирување, ги информиравме и бараме информации“, изјави Иџет Мемти, народен правобранител.
И од Хелсиншкиот комитет велат дека доколку во наредните денови добијат жалби или имаат индиции за непочитување на правата на затворениците, веднаш ќе реагираат и ќе го проверат случајот. ТВ21 исто така стапи во контакт и со затвореници од затворите во Штип и Прилеп, кои потврдија дека десетици затвореници почнале штрајк со глад барајќи амнестија. Сепак, надлежните на овие два затвора не успеаја да ни ја потврдат информацијата. Со глад штрајкуваат и 8 затвореници во затворот „Шутка“- Скопје, но овој случај не е поврзан со амнестијата. Според заменик – директорот на затворот, тие бараат разгледување и меѓународна истрага на случајот „Кумановска група“. Нивниот штрајк трае веќе 9 дена.
Репортер: Бесир Арифи