Македонија

Усвоен конечниот текст на уставните амандмани, Каменос најави оставка ако ги изгласа Собранието

Владата на Република Македонија го усвои финалниот текст на предлог амандманите за уставните измени и истиот го достави до Собранието. Портпаролот Миле Бошњаковски, вели дека грчкиот Парламент ќе го усвои договорот и дека Македонија ќе стане членка на НАТО Алијансата.

Но, министерот за одбрана Панос Каменос, кој е лидер на Независни Грци и коалициски партнер во грчката влада, порача дека нема да чека Договорот од Преспа да стигне до грчкиот Парламент. Како што вели тој, штом ќе бидат комплетирани процедурите во Собранието во Македонија, тој ќе поднесе оставка и ќе се повлече од владата.

Инаку, финалниот текст изгледа вака:

Амандманот 33 гласи: Во Уставот зборовите „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во член 36 од Уставот на Република Македонија.

Со амандманот 34 се вршат измени во Преамбулата – амандман 4 на Уставот на Република Македонија и тој гласи: Во Преамбулата на Уставот на Република Македонија се бришат зборовите „кои живеат во нејзините граници“, „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „правните одлуки кои се наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“, по зборот „година“ се додаваат зборовите „на кои се изрази волјата за создавање на самостојна суверена држава и Охридскиот рамковен договор“, а се бришат зборовите „одлучија да“.

Со текстот на амандманот 35, „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави“, се дополнува членот 3 од Уставот на Република Македонија.

Како резултат на јавната расправа, измени има и во текстот на Амандманот 36 кој што сега гласи:

-Републиката ги штити, гарантира и негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ;

-Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство;

-Републиката се грижи за дијаспората на македонскиот народ и на другите заедници и ги негува и унапредува врските со татковината;

-Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

На новинарското прашање зошто во овие измени не е вклучено и барањето на албанската опозиција да се отстрани делот каде Албанците во Уставот се претставени со 20%, портпаролот на Владата одговори:

Јавните дебати за уставните измени траеја пет дена. Против уставните измени и промена на името е ВМРО-ДПМНЕ, па поради тоа нивните пратеници не учествуваа во гласањето на нацрт предлогот.

РЕПОРТЕР: САЛИЈЕ САДИКУ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни