Во тек е истрагата за несреќата во која загинаа 46 патници, а седум лица се повредени откако македонски автобус се запали на магистралниот пат „Струма“ на потегот Софија – Благоевград. Според првичните информации од истражните органи во Бугарија, во автобусот вкупно имало 52 лица, од кои 46 загинаа, а седуммина се хоспитализирани на Клиниката во Софија. Од загинатите, 12 се деца.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски синоќа на прес-конференција истакна дека истрагата за автобуската несреќа ја водат бугарските истражни органи, како и дека е испратен наш тим од МВР да помогне во истрагата.
-Ние испративме тим кој е предводен од помошник директорот на Бирото за јавна безбедност на одделот за униформирана полиција, началникот на одделот за Крим техника и претставници од сообраќајната полиција. Исто така, напоменавме дека претставници од Јавното обвинителство и Судска медицина се таму се со цел да можат да асистираат за која било потреба за истрагата. Во рамки на МВР е формиран посебен штаб што работи целодневно исто како што работи штабот во МНР и секако дека во нашиот штаб е вклучено и политичкото аташе на Република Бугарија во Република Северна Македонија, рече Спасовски.
Многу е важно, додаде тој, во овие моменти брзо да се разменуваат податоци и информации кои се во интерес на истрагата и тие податоци да бидат споделени со бугарското јавно обвинителство и со истражните органи. -Секако дека многу важно ќе биде за брзината на идентификацијата на починатите во Судската медицина асистенцијата што ќе ја дадат нашите институции, истакна Спасовски.
Во однос на можните причини за несреќата министерот за внатрешни работи потенцираше дека треба да се почека истражните органи кои ја вршат истрагата и кои извршија увид на лице место на настанот да дадат свој извештај.
Спасовски очекува брза и сеопфатна реакција на надлежните служби и верува дека во соработка со бугарските институции многу бргу ќе имаме одговор околу сите нејаснотии за автобуската несреќа и согласно тоа ќе има ефикасност во утврдувањето на одговорноста.