Властите во Ротердам го разгледуваат барањето за демонтирање на дел од историскиот мост во тој град со цел јахтата, чиј сопственик е основачот на „Амазон“ Џеф Безос, да го напушти бродоградилиштето.
Холандскиот град добил барање од локален бродоградител да го отстрани централниот дел од историскиот мост Конингсхавен за да може суперјахтата да исплови во морето.
Претставниците на Ротердам велат дека мора да ги разгледаат ризиците и да донесат одлука земајќи го предвид интегритетот на мостот, влијанието врз животната средина, но и локалната економија.
Бродоградителот ќе треба да ги плати сите трошоци за демонтирање на мостот, кој беше реновиран во 2017 година, а локалните власти тогаш ветија дека никогаш повеќе нема да се демонтира.
Холандските медиуми утврдија дека јахтата ја гради бродоградилиштето „Океанко“ кое се занимава со изработка на јахти по нарачка.
Според наводите, јахтата долга 127 метри со три јарболи е наменета за основачот на „Амазон“, која воедно ќе биде и највисоката јахта на светот.