Свет

Русија ја нападна Украина

Русија ја нападна Украина

Русија започна целосна инвазија на Украина и изведува воени напади врз градовите, објави утринава на Твитер украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.

Претходно, новинската агенција Интерфакс објави ракетни напади врз воени локации низ Украина, како и дека руските трупи слетале во јужните пристанишни градови Одеса и Мариупол. Агенцијата објави и дека персоналот и патниците од киевскиот аеродром Бориспил се евакуираат.

„Путин штотуку започна целосна инвазија на Украина. „Мирните украински градови се нападнати“, напиша Кулеба.

„Ова е агресивна војна. Украина ќе се брани и ќе победи. Светот може и мора да го запре Путин. Сега е време за акција“, рече украинскиот министер за надворешни работи.

Тој ги повика партнерите во земјата веднаш да активираат пакет нови санкции.

Русија ја напаѓа Украина – нејзините војници ги поминаа нашите северни граници, изјави новинарот Јури Бутусов, цитиран од украинската новинска агенција УНИАН.

„Нападнати се воени локации низ целата земја, првенствено делови од (украинските) системи за воздушна одбрана и контрола“, напиша тој.

„Вооружените сили на Украина даваат отпор“, додаде Бутусов.

Силни експлозии се слушнаа утрово во главниот град на Украина Киев, јужниот град Одеса и источните градови Мариупол и Краматорск, откако рускиот претседател Владимир Путин најави воена операција против земјата, јавуваат новинарите на АФП од местото на настанот.

Во главниот град рано утринава се слушнале најмалку две експлозии, проследени со звукот на сирените на брзата помош.

Во пристанишниот град Мариупол, најголемата украинска населба на линијата на фронтот, каде живеат речиси половина милион луѓе, неколку луѓе изјавија за АФП дека слушнале артилериско гранатирање од источниот дел на градот.

Поблиску до линијата на фронтот, во Краматорск, седиштето на украинската армија, новинарите на АФП слушнаа најмалку четири силни експлозии.

Експлозии одекнаа и во црноморскиот град Одеса, оддалечен 600 километри.

Новинарот Андриј Цаплиенко на Твитер објави дека окупаторот користел крстаречки и балистички ракети за да пука на стратешки локации во Киев.

Рано изутрината, по 05:00 часот, одекнаа експлозии во голем број градови, меѓу кои и Киев. УНИАН цитира извештаи за најмалку четири експлозии во Краматорск, силни експлозии во Одеса, Харков, Бердјанск и тешко гранатирање „од терористи“ во сепаратистички Донбас.

Експлозии се слушаат и во Киев, има извештаи за експлозии и пукотници во реонот на меѓународниот аеродром Бориспол, додава агенцијата, цитирана од БТА.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни