Руски воен конвој, долг околу 64 километри, напредува кон украинскиот главен град Киев, покажуваат сателитски снимки од понеделникот.

Сликите се на приватната американска компанија Maxar, специјализирана за производство на сателити за комуникација, набљудување на Земјата и радар.

Компанијата исто така соопшти дека дополнителни копнени сили и хеликоптери се лоцирани на помалку од 32 километри северно од границата на Белорусија со Украина.
Во Киев повторно се слушаат сирени за воздушен напад, а има информации за руски напад на периферијата на градот, јавуваат светските агенции.

Руските трупи извршија напад и врз градот Керсон, соопшти Украина.

Десетици цивили загинаа во понеделникот во руски ракетни напади во вториот по големина град во Харков, соопшти украинското Министерство за внатрешни работи.