Земјите-членки на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), меѓувладина агенција со седиште во Париз, која советува за нафтената политика, се согласија да ослободат 60 милиони барели нафта од нивните резерви за вонредни состојби поради руската инвазија на Украина.
Овој потег доаѓа откако цените на нафтата нагло пораснаа и се појавија стравувања од проблеми со снабдувањето со енергија.
31 членка на ИЕА се согласија да ги ослободат резервите со цел „да испратат обединета и силна порака до глобалните нафтени пазари дека нема да има недостаток во залихите“ како резултат на конфликтот во Украина, соопшти групата.
Членовите ги вклучуваат САД, ОК, земјите на ЕУ, Мексико, Канада, Јапонија и други.
„Денешното соопштение е уште еден пример за партнерите ширум светот кои ја осудуваат руската неиспровоцирана и неоправдана инвазија на Украина“, соопшти Белата куќа, додавајќи дека продолжуваат напорите да се оттргне од руските енергетски испораки.
Претходно оваа недела, нафтените гиганти Шел и БП соопштија дека ќе ги отстранат акциите во руските енергетски компании и ќе ги стопираат проектите.