Шефот за дипломатија на Европската унија, Жозеп Борел, рече дека руската армија „бомбардира и гранатира сè“ во Украина.
„Денес, она што го гледаме е грдото лице на војната што повторно избива во нашите граници. А Русите бомбардираат и гранатираат сè: болници, куќи, училишта. Многу цивилни жртви. Тоа е варварски начин на водење војна“, им рече Борел на новинарите пред состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ во петокот.
Тој апелираше до рускиот претседател Владимир Путин да престане со гранатирањето и бомбардирањето.
„Путин мора да престане за да ја запре оваа војна. Остануваме обединети за да побараме оваа војна да престане. Да се запре и избегне убивање на невини луѓе“, додаде Борел.
Шефот на дипломатијата на ЕУ додаде дека Советот за човекови права на ОН наскоро „ќе започне мисија со цел да го процени кршењето на човековите права што се случуваат на украинска територија“.
Американските и другите западни претставници изјавија за Си-Ен-Ен дека се очекува Русија сè повеќе да погодува цивилни цели и да се насочи кон стратегија за „бавно уништување“ на украинската војска.
Си-Ен-Ен геолокаираше и потврди 13 инциденти во кои беа вклучени цивили во текот на три дена, додека нападите се интензивираа врз Харков, град со околу 1,5 милиони жители, по отпорот на Украина. Си-Ен-Ен ги анализираше и верификуваше дигиталните докази, вклучувајќи видеа и фотографии, за неколку неселективни напади во градот.