Македонија

Работодавците имаат рок до 31 декември: К-15 годинава најмалку 19.560 денари

Работодавците имаат рок до 31 декември: К-15 годинава најмалку 19.560 денари

Работодавците од приватниот сектор имаат уште нешто повеќе од два месеца да го исплатат регресот за годишен одмор, познат како К-15. Минималниот износ што треба да го добијат работниците годинава изнесува околу 19.560 денари, а крајниот рок за исплата е 31 декември.

Исплатата на К-15 започна на 1 јули, а право на овој надоместок имаат работниците кои во текот на календарската година имаат најмалку шест месеци непрекинат работен однос кај истиот работодавач.

Регресот за годишен одмор претставува задолжителен годишен надоместок во приватниот сектор, чија цел е финансиска поддршка на вработените за трошоците поврзани со годишниот одмор.

Висината на К-15 не е фиксна, туку се пресметува во зависност од просечната нето-плата во државата во последните три месеци пред месецот на исплатата.

Минималниот износ изнесува 40 проценти од просечната месечна нето-плата, што значи дека конечната сума може да се разликува во зависност од тоа кога работодавачот ќе ја изврши исплатата.

Работодавачите можат да исплатат и повисок регрес, во согласност со колективните договори и утврдените услови.

За компаниите што нема да ја исполнат обврската за исплата на К-15 се предвидени парични казни.

Дополнително, санкции се предвидени и за случаите во кои работодавачот ќе му го исплати регресот на работникот, а потоа ќе го принуди парите да ги врати во готовина. За ваквото постапување, под законски утврдени услови, е предвидена и можност за затворска казна до една година.

Работниците што ги исполнуваат условите имаат право да го добијат регресот најдоцна до крајот на календарската година, без оглед на тоа дали веќе го искористиле годишниот одмор.

Ноќно студио

Најнова епизода

Петровска: Побаравме оставка од Филипче, нема разлика во цената за „Леонардо“ | Ноќно студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни