Македонија

Тевдовски: Членството во НАТО има големо влијание врз економскиот развој, така ќе биде и во Македонија

Членството во НАТО имаше огромно влијание врз економскиот развој на другите земји во регионот и не постои причина зошто тоа не би било случај и со Македонија. Ова го истакна министерот за финансии Драган Тевдовски на отворањето на Форумот на Централна и Југоисточна Европа „Еуромани“, кој се одржува во Виена Австрија.

Тој вели дека кога ќе се споредат годините пред и по членството во НАТО, странските директни инвестиции кај земјите членки се зголемиле најмалку двојно како процент од БДП, а во некои земји, како Бугарија, тие се зголемиле и за трипати.

– Економските влијанија од овој напредок се огромни. Во историски нестабилен регион, и имајќи ги предвид случувањата изминатите неколку години, членството во НАТО претставува потврда за долгорочна стабилност и одржливост. Ова ќе придонесе за едноставно и брзо отстранување на сомнежите и стравот кај инвеститорите во минатото. Економските придобивки ќе бидат значителни и брзи, што значи поголеми странски, како и домашни инвестиции во нашата земја, што, пак, несомнено ќе резултира со повисок извоз, поголема вработеност и повисоки плати, како и подобрен животен стандард за нашите граѓани-рече Тевдовски.

Во поглед на макроекономската стабилност, Тевдовски посочи дека Владата е посветена кон спроведување на постепена фискална консолидација, односно намалување на буџетскиот дефицит на среден рок за контролиран јавен долг. Истовремено, наплатата на приходите во буџетот е одлична. Како што посочи министерот, приходите од даноци во буџетот се целосно во линија со проекијата на Министерството.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни