Јавната обвинителка Лиле Стефанова во завршните зборови за предметот „Плацеви на Водно“ предложи дека судот на Никола Груевски треба да му изрече највисока казна, додека пак за обвинетиот Сашо Мијалков казната да биде повисока од предвидената.
Обвинителката побара конфискација на становите на Никола Груевски, вклучително и трите стана во Панорама, сопственост на фирмата „СС инвестмент”, а што се однесува на останатите обвинети застапникот на обвинението го процени како исклучително важен исказот на обвинетиот Ристо Новачевски и му предложи на судот истиот да биде условно казнет.
Стефанова за обвинетите Ненад Јосифовиќ и Јордан Камчев побара минимални казни, додека пак наведе дека го повлекува обвинението за Ратка Камчева.
„Никола Груевски како премиер ја користел својата функција противправно за да се стекне со имот. Сашо Мијалков во својот исказ негираше дека ги презел дејствијата кои му се ставата на товар. При претрес на неговото возило беа пронајдени договори склучени со фирмата „СС инвестемент” за становите во Панорама“, рече обвинителката Стефанова.
Одбраната на обвинетиот поранешен премиер Никола Груевски, кој се суди во отсуство истакна дека судот треба да им довери верба на доказите, а не на претпоставките. Според бранителот на обвинетиот Груевски, исказите на сведоците се претпоставка, односно лаги и невистини и, како што кажа, нема докази против неговиот клиент.
Судењето за овој предмет го води судијата Илија Трпков.