Македонија

Алта Банка утре ги отвора шалтерите во Битола: Граѓаните ќе добиваат СМС со точен термин за подигнување

Алта Банка утре ги отвора шалтерите во Битола: Граѓаните ќе добиваат СМС со точен термин за подигнување

Клиентите на Алта Банка кои немаат платежни картички од утре ќе можат да подигнуваат готовина на шалтерите во главната филијала во Битола. Исплатата ќе се одвива според посебен распоред, а граѓаните ќе бидат известувани преку СМС-пораки за точниот термин кога треба да пристигнат во банката.

Како што информира Народната банка, мерката е наменета за граѓаните кои располагаат со средства на своите сметки, но немаат можност да ги повлечат преку банкомат. Особено се однесува на пензионерите и примателите на социјална помош.

Максималниот износ што ќе може да се подигне изнесува 20.000 денари за период од две недели.

За да се избегнат долги редици и метеж пред филијалата, исплатата ќе се организира по однапред определени термини. Секој клиент ќе добие СМС-известување со денот и часот за подигнување на средствата.

За граѓаните кои нема да бидат во можност да дојдат во доделениот термин, ќе бидат обезбедени дополнителни термини.

Филијалата во Битола во петок и сабота ќе работи во две смени, со цел да се опслужат што поголем број клиенти.

Од Алта Банка појаснуваат дека шалтерите ќе функционираат исклучиво за исплата на готовина и дека на нив нема да може да се извршуваат други банкарски трансакции.

Истовремено, банката работи на создавање услови за вакви исплати и во други градови низ државата. За локациите и почетокот на исплатите клиентите дополнително ќе бидат информирани.

Во меѓувреме, граѓаните кои примаат плата или пензија преку Алта Банка, а сакаат средствата во иднина да им се исплаќаат преку друга банка, најпрво треба да поднесат барање за одјавување во Алта Банка.

По завршувањето на оваа постапка, ќе можат да го префрлат примањето во друга банка.

Од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување засега нема информации колку пензионери веќе ја спровеле постапката и избрале друга банка за исплата на своите пензии.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни