Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска оствари средба со амбасадорката на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Република Македонија, Рејчел Галовеј.
На средбата, како што соопшти ВМРО-ДПМНЕ, „се разговараше за актуелната политичка и економска состојба на државата, предизвиците од сиромаштијата со која се соочуваат граѓаните, криминалните афери од страна на владата на СДСМ и притисокот со кои се соочуваат просветните работници од страна на ресорните министерства и премиерот Димитар Ковачевски“.
-Мицкоски истакна дека ситуацијата секојдневно се влошува, потенцирајќи дека Владата на СДСМ и Ковачевски ја носат државата во пропаст. Според претседателот Мицкоски, ваквата слика покажува дека реформите се повеќе од потребни, како на промена на власта, така и во секој сегмент од животот, а со одржување предвремени парламентарни избори граѓаните ќе изберат промени и иднина и ќе можат да ја казнат Владата за сите лоши и штетни политики кои ги спроведуваат изминатите пет години откако се на власт, наведува ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски и се заблагодари на Галовеј за досегашната британска поддршка на земјава.
Соговорниците изразија подготвеност за продлабочување и интензивирање на соработката и пријателскиот однос.