Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска во интервју за бугарската БТВ одговори на прашањето од каде се сомнежите на претседателот Стево Пендаровски дека внесувањето на Бугарите во Уставот нема да биде последно барање од Бугарија.
„Целата историја на Република Северна Македонија во однос на евроинтеграциите се чини дека е подвижна цел. На овој пат сме 20 години и постојано се поставуваат нови услови. Секогаш кога ќе ги исполниме условите, во процесот се појавуваат нови барања“, вели Османи.
Тој посочува дека граѓаните веќе ја изгубиле довербата дека има предвидлив процес во кој јасно е напишано што треба да направиме.
„И тоа создава незадоволство и кај граѓаните и кај политичките лидери. Затоа, нашето барање е сите прашања да бидат вклучени во еден документ за да се осигураме каде завршува процесот“, додава Османи.