Македонија

Костовски: Изборите ќе бидат редовни во 2024 година и тоа прашање е затворено

Следните избори ќе бидат редовни во 2024 година и тоа прашање е затворено, порача денеска пратеникот на СДСМ, Мартин Костовски, како реакција на барањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за средба со премиерот Димитар Ковачевски на која би договориле датум за одржување предвремени парламентарни избори.

– ВМРО-ДПМНЕ предводена од Христијан Мицкоски освен неконструктивност не покажува ништо друго, нивната единствена цел е политички профит по секоја цена. Опструкции, мотивирање на протести во криза и дестабилизација се единствено што Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ можат и сакаат да понудат. Таквите понуди нека си ги чуваат за себе, бидејќи не се за граѓаните, истакна Костовски.

Според Костовски, денешната прес-конференција на Мицкоски покажала дека тој не е фактор на политичката сцена, туку опортунист кој работи единствено за личен интерес и интерес на ВМРО-ДПМНЕ, а секогаш на штета на интересите на граѓаните.

– Прес-конференцијата на Мицкоски требаше да се одржи за судските пресуди против функционери на ВМРО-ДПМНЕ, за црната листа на САД, кој го потврдуваат степенот на криминал во неговата партија. Мицкоски не треба да нуди неспособни тимови составени од бројни соработници на Никола Груевски и лица против кои се водат судски процеси. Доволно е кај него и во раководство на ВМРО-ДПМНЕ да има свест и доблест, да не отежнуваат и блокираат во услови кога Владата се бори со економски кризи веќе трета година по ред, додаде Костовски.

Според него, градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ се вистинска слика и прилика што може да се очекува од оваа партија како власт, кои општините што ги раководат ги прават поле за груба партизација на институциите со партиски кадри.

– Владата е фокусирана на менаџирање на кризата и заштита на стандардот на граѓаните и средба во моментов воопшто не е потребна. Изборите ќе бидат редовни во 2024 година и тоа прашање е затворено, додаде Костовски.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни