Македонија

Џафери до полицијата: Бидете првата врата на која што ќе тропнат граѓаните, првиот број на кој што ќе се јават

Џафери до полицијата: Бидете првата врата на која што ќе тропнат граѓаните, првиот број на кој што ќе се јават

Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска се обрати на манифестацијата по повод 7 Мај – Денот на полицијата од каде упати честитки.

„Со најголемата искреност и непосредност до сите Вас што секојдневно сте будни, подготвени, никогаш уморни да застанете во одбрана и заштита на животот, имотот и правата, во чувањето на мирот и уставниот поредок на државата во секој миг од денот или ноќта, на секој агол од татковината, на копно, во воздух, во вода, на улиците на нашите градови, и села, дури и на најоддалечените и понекогаш непристапни терени. При тоа, безрезервно и пожртвувано го ставате во опасност најскапоценото, Вашиот живот, а со тоа ги ставате во незавидна положба, во состојба на постојан трепет и стравување Вашите најмили за кои се разбира Вие сте најдрагоценото и најмилото“, вели Џафери.

Тој апелираше во име на граѓаните, тие да бидат првата врата на која што ќе тропнат, првиот број на кој што ќе се јават секогаш кога ќе се чувствуваат беспомошни, обесправени, загрозени или пак заплашени по својот сопствен живот, животот на најмилите, по својот имот и сопственост.

„Да тропнат, затоа што Ви веруваат, затоа што сте дел од нив и затоа што се безбедни се додека Вие сте тука до нив. Важно е да ја стекнете и одржите високо довербата на граѓаните, важно е да бидете пример за тоа што значи професионален полициски службеник во служба на граѓаните. Длабоко сум убеден дека взаемната доверба, соработката и застанувањето секогаш на вистинската, праведната страна на законот ќе придонесе да имаме побезбедни улици, подемократски и поправедни институции кои по ништо нема да заостануваат зад високо стандардните европски и светски полициски сили. Добро е што постоите, добро е што сте чувари на мирниот сон на нашите деца, внуци и браник пред криминалот, тероризмот и секакво друго современо зло кое демне врз нашиот демократски поредок и лична и колективна безбедност“, порача Џафери.

Претседателот на Собранието порача дека истото ќе биде секогаш како и досега отворено за нивни предлози, сугестии и конкретни законски измени кои би биле во насока на подобрување на ефикасноста и ефективноста, во насока на подобрување на нивниот статус.

„Се разбира, не смее да се заборави и запостави дадениот придонес  во минатото, особено не смеат да се заборават сите полициски службеници, сите припадници на специјалните единици, кои за жал при исполнувањето на работните должности подлегнале на повредите. Затоа, дозволете во овој свечен ден, да изразам висока почит за нивната пожртвуваност, посветеност и херојство во вршењето на тешката и во исто време одговорна должност на полициски службеник“, додаде Џафери.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни