Свет

ВОЗНЕМИРУВАЧКО: Сириските милитанти убија 10 војници со ракета, Русите одговорија со воздушни напади (ВИДЕО)

Во ракетен напад на воен автобус во северозападна Сирија загинаа 10 војници, а девет беа ранети, јави државната новинска агенција САНА. Автобусот бил погоден во реонот на Анџара западно од Алепо изутрината, јави САНА. Милитантите го нападнале возилото со противтенковска ракета, се додава, но не се наведуваат повеќе детали.

Сириската опсерваторија за човекови права соопшти дека опозициските борци го извршиле нападот и дека бројот на загинати најверојатно ќе се зголеми.

Засега никој не ја презеде одговорноста за нападот. Сириската бунтовничка група Ахрар ал-Шам на својот канал Телеграм објави видео на кое се гледа како ракета погодува автобус, а во описот се вели дека тоа е моментот на уништување на воен автобус на про-Асад милициите западно од Алепо.

Ројтерс не можеше независно да ја потврди објавата.

Русите одговорија со воздушни напади
Руски воени авиони извршија воздушни напади врз областите под контрола на бунтовниците на северозападот неколку часа по нападот, објави Опсерваторијата, додавајќи дека засега нема информации за резултатите од воздушните напади.

Северозападна Сирија е последното големо упориште на бунтовниците кои се борат против владата во 11-годишната војна во земјата. Главните линии на бојното поле во конфликтот, кои произлегоа од протестите против претседателот Башар ал Асад во 2011 година, во голема мера беа замрзнати веќе неколку години.

Русија ги распореди своите воздушни сили во Сирија во 2015 година за да обезбеди поддршка за сириската влада.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни