Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска ја задржува функцијата откако Собранието денеска не ја прифати интерпелацијата за нејзината работа, поднесена од Левица. На гласањето, 19 пратеници се изјаснија „за“, 63 беа „против“, а немаше воздржани.
За време на расправата, опозициските пратеници ја критикуваа работата на министерката, обвинувајќи ја за недоволни резултати во енергетиката и рударството, недостиг на транспарентност и непочитување на законите. Меѓу забелешките беа и доцнењето на реформите за интеграција на домашниот енергетски пазар со европскиот, како и недоволно развиената поддршка за производителите на енергија од обновливи извори.
Пратениците што ја поднесоа интерпелацијата отворија прашања и за условите под кои се откупува електричната енергија произведена од фотоволтаичните електрани, надзорот на енергетскиот пазар и постапките за приклучување нови производствени капацитети на дистрибутивната мрежа.
Од владејачкото мнозинство ги отфрлија критиките, посочувајќи дека дел од прашањата се однесуваат на институции врз кои Министерството за енергетика нема директни надлежности, меѓу кои ЕСМ, ЕВН и Регулаторната комисија за енергетика.
Од власта ги истакнаа донесувањето на новиот Закон за енергетика, мерките за поддршка на ранливите категории граѓани и инвестициите во нови енергетски капацитети. Меѓу проектите што ги посочија се ветерниот парк кај Штип, втората фаза на ветерниот парк во Богданци, когенеративната постројка во Битола, фотоволтаичните централи и ревитализацијата на хидроенергетските објекти.
Обраќајќи се од собраниската говорница, Божиновска порача дека политичкото несогласување не треба да се изедначува со незаконско работење и дека обвинувањата мора да бидат поткрепени со докази.
„Не може политичкото несогласување да се прогласи за незаконитост, а различната визија за енергетиката да се прогласи за кршење на Уставот. Не може обвинувањето да стане факт само зашто сте го напишале во вашата неиздржана интерпелација“, истакна министерката.
Таа нагласи дека ја почитува улогата на Собранието во контролата на извршната власт, но побара и од подносителите на интерпелацијата да преземат одговорност за точноста на своите тврдења.
Божиновска, исто така, праша дали расправата се темели на документи и факти или на обвинувања во кои, според неа, се мешаат надлежностите на Владата, Министерството, ЕСМ, Регулаторната комисија за енергетика и општините.
Со 63 гласа против и 19 за, интерпелацијата не ја доби поддршката на мнозинството пратеници.