Од владејачката СДСМ велат дека со ребалансот на Буџетот Владата предводена од СДСМ обезбедува заштеда на 200 милиони евра непродуктивни трошоци, обезбедува средства за производство на храна за наредната година, поголеми плати и пензии, поддршка за граѓаните и компаниите и заштита на стандардот со нови мерки.
„СДСМ и Владата којашто ја предводи со брзи и добро смислени мерки успешно менаџираат со последиците од најголемата економска и енергетска криза по Втората светска војна во Европа. Го штитиме стандардот на граѓаните и компаниите, ги зголемуваме платите и пензиите, обезбедуваме ликвидност на буџетот, спроведуваме енергетска трансформација, и паралелно инвестираме во земјоделството и ги зголемуваме површините за да има доволно храна наредната година“, велат од СДСМ.
Тие додаваат дека благодарение на одговорни и вистински политики на СДСМ просечната плата се искачи над 500 евра и во време на криза, минималната плата се зголеми двојно, на 18.000 денари.
„Платите во образованието рекордно се зголемија за 15%, постојано растат платите во сите сектори, а следува и историски раст на пензиите и нова методологија за постојан раст.
Разликата е очигледна, СДСМ се грижи за граѓаните, а ВМРО-ДПМНЕ опструира и блокира“, додаваат од СДСМ.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ се јавија со реакција во која велат дека со ребалансот се кратат пари за капитални инвестиции, а економската криза уште ќе се продлабочи.
„Неспособната власт на СДСМ и ДУИ која креираше расипнички буџет за 2022 година, ништо не може да подобри со ребалансот на буџетот. Напротив дополнително ќе ја продлабочи економската криза до степен на катастрофа. Кратењата на средства за капитални инвестиции се еден од показателите дека и со овој ребаланс буџетот нема да има никаква развојна компомента“, велат од опозицијата.
Од таму додаваат дека очигледно дека остануваат нечепнати уште стотици милиони евра непродуктивни трошења, на сметка на кратењата на капиталните инвестиции, изградби на патишта, болници, и други проекти кои се двигател во секоја економија.
„Заради лошите досегашни економски политики оваа власт на СДСМ и ДУИ ја доведе Македонија да биде задолжена над 7 милијарди евра со тендеција тој долг уште да расте, да биде земја со најнизок раст на БДП во регионот, да биде меѓу земјите со највисока стапка на инфлација, да биде земја со 35% од граѓаните во ризик од сиромаштија, да биде земја со најмалку странски инвестиции, да биде една од најсиромашните во Европа итн. Ова за жал ќе се влошува и после ребалансот. Со оваа некадарна и непособна, но и криминогена и корумпирана власт секој ден е зијан за граѓаните“, посочија од ВМРО-ДПМНЕ.