Законот за употреба на јазиците со целата содржина и со одлука на Владата е испратен на мислење до Венециската комисија, заедно со алтернативниот текст на Членот 8 кој не е составен дел од Законот, како и одредбите поврзани со имплементирањето на албанскиот јазик на банкнотите, хартиите од вредност и униформите на Армијата и полицијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека е апсурдно законот да се испрати во Венециската комисија, сега откако веќе е изгласан.
Од Министерството за правда, сметаат дека во Агенцијата за албански јазик, која се очекува да биде формирана, не е предвидено вклучување на странски лингвисти од Косово и Албанија. Но, сепак пред една недела, во емисијата „Клик Плус“, вицепремиерот Бујар Османи, изјави дека ќе биде потребна сериозна помош за правилното спроведување на Законот за јазиците.
-Ова е голем предизвик и реално ќе ни треба помош од академските и интелектуалните кругови, од институти, од разни факултет, не само во Македонија, туку и од регионот, бидејќи е навистина од голема важност да почнеме да го спроведуваме албанскиот стандарден јазик. Знам дека и вие медиумите ќе нѐ „опоменувате“ за правописните грешки на таблите – рече Османи.
Потребата за јазични експерти од Косово и Албанија во неколку наврати ја нагласуваа и домашните експерти. Во писмото испратено до Венециската комисија пишува дека Владата очекува мислење за аспектите за усогласеност на законот со европските стандарди и со принципот на владеењето на правото. Исто така, во писмото се додава дека Законот за употреба на јазиците произлегува од Охридскиот рамковен договор, кој е имплементиран во и дека една од целите на Законот е да се создаде хармонична правна рамка во која законските одредби нема да ја загрозат уставноста, ниту пак, европските стандарди. Во меѓувреме премиерот Зоран Заев рече дека препораките кои ќе излезат од Венециската комисија ќе бидат вклучени во Законот за јазиците.
Репортерка: Валмира Зендели