Македонија

Антикорупциска финишира, Собранието објави оглас за избор на членови

По речиси цела година без Антикорупциска комисија, конечно започна постапка за изборот на новиот состав. Роковите за да се стигне формирањето на Антикорупциската комисија се тесни, откако претседателот на Собранието Талат Џафери најави дека претседателските избори ќе ги распише на 8 февруари. Огласот ќе трае седум дена по што посебна Комисија ќе изврши филтрирање на кандидатите кои го исполнуваат условот според новиот Закон за антикорупција кој беше изгласан минатата недела во Собранието со неопходното двотретинско мнозинство. По првиот филтер изборот на новите антикорупционери ќе се врши со јавно интервјуирање преку телевизиски пренос. Интервјуто ќе го вршат претставници од Македонската академија на науките и уметностите, Интеруниверзитетската конференција, потоа од невладини организации, здруженија и фондации кои се занимаваат со антикорупција.

Новиот закон за спречување на корупцијата има построги критериуми при  изборот на членови, тие не смеат да бидат членови на политички партии ниту во последните 10 години да бил донатор на некоја партија. Исто така новите членови мораат да имаат шестгодишно работно искуство во областите со борба против корупцијата и владеењето на правото. Новиот закон им дава и поголеми овластувања на новите антикорупционери. Во него се предвидува тие да имаат директен пристап до банкарските сметки на функционерите, до сметките на политичките партии како и увид во над 60 дата бази. Предметите кои ќе бидат отворени новиот закон предвидува рокови за нивно завршување, за да не биде случај тие да се одолговлекуваат.  Државната комисија за спречување на комисијата не функционира скоро цела година поради оставките на 5 членови, за кои постоеше сомнение за исплата на фиктивни патни налози и незаконско трошење на буџетските пари.

Репортерка: Светлана Унковска

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни