Македонија

Колариќ: Шилегов велеше дека има превработеност во претпријатијата, а сега ќе вработува 700 партиски војници

Светлана Колариќ, советничка во Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, денеска на обраќањето на новинарите истакна дека се случува скандал со градоначалникот Шилегов, затоа што сака да вработи 700 нови лица, иако кога дошол на местото истакнал дека во градските претпријатија има превработеност.

„Вистински скандал е што во изборна година, само преку две градски претпријатија се предлагаат планови за вработувања на над 700 нови, и најверојатно строго партиски вработувања. Повторувам 700 најверојатно партиски вработувања.

Усвојувањето на плановите со кој се предвидува армија нови вработувања се прави во пресрет на претседателски но и можни предвремени парламентарни избори. Ова не може да се сфати никако поинаку освен како отворено корумпирање на гласачи во полза на власта, и давање на надеж и изборни комбинаторики за вработување на гласачи.

Ќе се вработуваат советници на директори, раководители, и соработници.

Имено, согласно планот на ЈП за „Комунална хигиена“, градот Скопје и Петре Шилегов предлагаат да се вработат 300 нови работници и тоа раководители на сектори, раководители на одделенија, советници, соработници и друг вид на персонал. Додека само 29 луѓе оваа година ќе заминат во пензија.

Согласно пак планот на ЈСП се планира во тековната година да се вработат 233 луѓе, од кој освен дефицитарни возачи на автобуси, поголемиот дел се администрација како виши соработници, помошници раководители, раководители на сектори и останат бирократски персонал. Додека се вработуваат 233 луѓе само 30 од нив ќе одат во пензија, а за наредната година се предвидува вработување на уште нови 170 луѓе.

Иако плановите се за тековните две години, огромната бројка од околу 700 нерационални вработувања, и периодот во кој овие планови се усвојуваат недвосмислено отвораат сомнеж дека градот Скопје и власта прават изборна манипулација и партиски вработуваат на грбот на граѓаните на Скопје.

Градоначалникот Петре Шилегов во 2017-та година изјави цитирам „градските претпријатија се превработени“. А, потоа изјави цитирам „1.200 вработени се вишок“, соопштува Колариќ.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни