„Не е важно дали протестот се одржа порано или подоцна. Ги повикувам сите граѓани кои се чувствуваат разочарани од сите политики во изминатите години да видат што се случува. Нека дојдат сите граѓани, да видат колку е народот незадоволен од власта, да покаже потреба од предвремени избори“, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски на протестот најавен на 18 јуни.
Мисајловски истакна дека сите анкети покажуваат дека мнозинството од народот сака промени и дека државата со оваа власт оди во погрешна насока.
„Во последните анкети околу 70 отсто од граѓаните сметаат дека државата оди во погрешна насока, а она што е најдепресивно е што многу млади и граѓани сакаат да ја напуштат Македонија. Најголемите проблеми ги гледаат во економијата, во она што се случува во политиката и општеството. Затоа, неопходно е да има предвремени парламентарни избори за што поскоро да се смени оваа мафијашка власт која го кочи развојот на оваа држава“, рече Мисајловски.
За изјавата на Пендаровски дека нема време за избори бидејќи ништо нема да се промени, Мисајловски истакна дека не се очекува Пендаровски да каже дека неговиот народ треба да си замине и истакна дека изборите ќе донесат влада која ќе работи за доброто на граѓаните.