Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска тврди дека Министерството за финансии не било вклучено во комуникацијата околу влезот на Алта банка на македонскиот пазар и преземањето на Стопанска банка Битола. Таа демантира дека гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, се консултирал со неа за ова прашање, иако претходно тој изјави дека разговарал и со претставници на Владата.
Кочоска посочува дека ниту таа, ниту Министерството за финансии имале информации за преговорите, ниту за евентуалниот интерес на други институции и банки за преземање на битолската банка.
„Ние како министерство не сме имале апсолутно никаква комуникација, ниту знаеме дека оваа банка имала преговори, ниту знаевме кои претходно други институции, банки биле заинтересирани. Така што најодговорно тврдам дека Министерството за финансии немало никаква комуникација со гувернерот по основ на ова прашање“, изјави министерката.
Гувернерот Славески, пак, пред неколку дена во емисијата „Топ тема“ рече дека, иако Народната банка е независна институција, сепак за прашањето поврзано со влезот на Алта банка и преземањето на Стопанска банка Битола се консултирал и со Владата.
Министерката уверува дека случувањата околу Алта банка нема да ја загрозат стабилноста на банкарскиот систем, посочувајќи дека нејзиното учество во вкупниот банкарски сектор е мало. Таа смета дека штедачите немаат причина за загриженост.
Кочоска најави дека денеска ќе има средба со гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на која се очекува да се разговара и за актуелните случувања во банкарскиот сектор.