Македонија

Поголема слобода на интернет е можна само без дискриминирачки говор – потпишан меморандум меѓу КСЗД и ИДУЕП

Поголема слобода на интернет е можна само без дискриминирачки говор – потпишан меморандум меѓу КСЗД и ИДУЕП

„Најмногу пријавени претставки во 2022 година до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација  се однесуваат за дискриминирачки говор на социјалните медиуми. Оттука, јасна е потребата за потпишување на овој Меморандум, како и важноста од поширока општествена иницијатива за справување со ваквиот дискриминирачки говор“, истакна претседателот на Комисијата Василев при потпишувањето на Mеморандумот.

„Медиумите често ја отвораат и разработуваат оваа тема и тоа како општество нѐ спречува да отидеме предалеку во негативните аспекти на интернет. Но, мора јасно да посочиме и дека никој никому не попречува слобода на говор. Напротив, без дискриминирачки говор и навреди во интернет просторот секој од нас ќе има многу поголема слобода во изразувањето“, рече комуникологот и претседател на ИДУЕП, Бојан Кордалов.

Потпишаниот Меморандум има за цел поддршка на работата на КСЗД преку воспоставувањето меѓусебна соработка и заедничко застапување во јавноста на темата поврзана со борбата против дискриминирачки говор, дискриминацијата и другите негативни аспекти во интернет просторот, како и креирање на поширока платформа на организации и други општествени чинители во процесот на изнаоѓање на успешни решенија, пракси, односно автентичен национален модел за ефикасно справување со дискриминирачкиот говор и другите негативни појави на интернет.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни