Од СДСМ денеска со соопштение велат дека деновиве се потврдила уште една лага на ВМРО-ДПМНЕ.
„Асимилација и бугаризација на Македонците немаат никаква врска со реалноста, тоа е очајнички обид на Христијан Мицкоски за заплашување на граѓаните. По којзнае кој пат ВМРО-ДПМНЕ користи опасни манипулации и тези со кои ги поткопува нашите загарантирани позиции за зачувување на јазикот и индентитетот во преговорите со Бугарија“, велат од СДСМ.
Од партијата додаваат дека нивната желба е по секоја цена да ги деградираат граѓаните со цел политички да профитираат.
„Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ директно ја подржаа резолуцијата на ЕПП со која се бранат позициите на Бугарија и се директно на штета на нашите граѓани, додека дома глумат патриоти. Лагите и лицемерието на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ немаат крај“, велат од СДСМ.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак истакнуваат дека паднала бугарската Влада, а треба да падне и Владата на Димитар Ковачевски во Македонија.
Тие пишуваат дека францускиот предлог од тоа што било пренесено во медиумите е целосно фијаско и остварување на сите бугарски барања без било какви гаранции за Македонија.
„Наместо да молчи Ковачевски треба веднаш да излезе и да го отфрли предлогот кој беше презентиран од медиумите. Зошто молк и дали молкот значи согласност на СДСМ и Ковачевски со капитулацијата која и се спрема на Македонија Дали СДСМ ќе прифати тивка бугаризација или целосно отфрлање на Македонија од процесот на евроинтеграции? СДСМ прави идентитетски удар врз постоењето на народот, државата и идентитетот. Францускиот предлог е уцена и целосно фијаско на Ковачевски поради што треба да си даде оставка веднаш“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.