Доколку дојдете во ситуација да ви треба лекарска услуга, евентуална хоспитализација додека сте во странство, ќе може да се лекувате на товар на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, за што е потребно да поседувате двојазичен образец, кој ја заменува здравствената легитимација и кој се добива бесплатно.
Оваа поволност нашите граѓани ја имаат во 18 земји со кои ФЗО има склучено договор, а тоа се: Турција, Бугарија, Германија, Австрија, Белгија, Албанија, Хрватска, Словенија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Чешка, Словачка, Унгарија, Холандија, Луксембург, Франција и Италија.
Грција не е на оваа листа.
Од досегашната пракса на Фондот во Скопје, годишно се издаваат стотина двојазични обрасци, а на територијата на цела Македонија над 650.