Светската здравствена организација соопшти дека растечкото ширење на мајмунските сипаници во повеќе од 50 земји треба внимателно да се следи, но засега нема причина да се прогласи глобална здравствена криза, објави Асошиетед прес.
Кризниот комитет на СЗО во саботата рече дека многу аспекти на инфекцијата се „невообичаени“ и призна дека мајмуните сипаници, кои се ендемични во некои африкански земји, биле запоставени со години.
„Иако некои членови изразија различни ставови, Комитетот одлучи едногласно да го советува генералниот директор на СЗО дека во оваа фаза треба да се утврди дека инфекцијата не претставува „глобална здравствена криза“, се вели во соопштението на СЗО.
Сепак, Светската здравствена организација ја забележува „кризната природа“ на инфекцијата и вели дека контролата на нејзиното ширење бара „интензивна“ реакција.
Комитетот вели дека случаите на мајмунски сипаници треба внимателно да се следат и нивната проценка да се прегледа за неколку недели. Преглед може да се направи и порано во случај на нови случувања, како што се случаи меѓу сексуалните работници, ширење во нови земји или во земји каде што веќе имало случаи, зголемена сериозност на болеста или зголемена стапка на ширење.