Кредито-неспособните лице во земјава користат брзи кредити.
„Човекот е кредито-неспособен зема 40 илјади денари на одреден датум брз кеш кредит. Во меѓувреме има непланиран приход и вели, да не ми тежи кредитот јас ќе го затворам. Оди по два дена, од 40 илјади за да го затвори кредитот плаќа 56 илјади денари“, рече вчера пратеникот Димитар Апасиев од Левица.
Од кредито-способните 80% имаат пречекорување во трансакциона сметка од што минатата година банките спечалиле 200 милиони евра и минус во кредитна картичка 400 милиони евра. Ова е 1/3 од сите кредити издадени на физички лица.
Пратеникот Димитар Апасиев рече дека банкарските провизии и скриени трошоци не се регулирани во нашата земја.
„Носителот на платениот промет, тоа се банките може да наплатува надоместок за вршење на работи во платен промет според тарифа што ја утврдува. Значи сам си ја утврдува, не му ја утврдува НБРМ, туку самите. Единствено е должен да ја објави тарифата на видно место во банката и на веб страницата и толку. Ни регулира процент, ништо не регулира и се е оставено на банките“, додаде Апасиев.
Вицегувернерот на Народната банка, Фадил Бајрами, изјави дека централната банка работи согласно законите што се во сила.
„Тука има вистини, но треба да знаете дека централната банка работи согласно законите кои се на сила. Законот по кој работи НБРМ не го донесе централната банка. Ако има иницијативи за промена на овие закони, може да се прават измени во таа насока. Ова е прво, второ во цел свет банките се приватни и имаат свои тарифи и постапки“, изјави Фадил Бајрами – вицегувернер на НБРМ.
Премиерот Димитар Ковачевски ги повика пратениците без исклучок, вклучувајќи ги од СДСМ, да го разгледаат Законот за банки.
„Ќе ги повикам пратениците, без исклучок вклучително и од СДСМ каде и јас сум член да го разгледаат законот за банки во овој дел и низ една јавна расправа тука во Собранието да се утврди дали може да се направи интервенција во однос на висината на апсолутниот износ во вкупниот профит на банките кој што доаѓа од некаматни приходи“, рече премиерот Димитар Ковачевски.
Ковачевски од собраниската говорница кажа и дека се во подготовка измени на Законот за финансиски друштва. Стопанска банка АД Скопје за 16 милиони евра го зголемила профитот само по основ на провизии, а Комерцијална банка над 16 милиони.