Во Собранието на Македонија денеска треба да се одржи 77. пленарна седница со единствена точка на дневниот ред Интерпелација за работата на претседателот на Парламентот Талат Џафери.
Интерпелацијата е поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ по грубото обраќање кон собраниски службеници и заклучување на пратениците од опозицијата во пленарната сала додека траеше поединечното изјаснување.
Седницата ќе ја води потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски.
Согласно член 49 став 1 од Деловникот, претресот по интерпелацијата трае еден работен ден, до исцрпувањето на листата на пријавените пратеници за збор, а се одлучува најдоцна до 24.00 часот.
Претседателот на Собранието Џафери на седницата има право да го образложи својот писмен одговор или да даде устен одговор на поставената интерпелација.