Македонија

Втора интерпелација на Никола Димитров, ВМРО-ДПМНЕ бара морална и политичка одговорност

Министерот за надворешни работи Никола Димитров постапуваше на дрзок и препотентен начин навредувајќи ја македонската нација со тоа што ја нарече искомплексирана и го урна угледот на државата. Двата договора кои ги склучи со Бугарија и со Грција се штетни и ги загрозуваат државните интереси, а опозицијата воопшто не беше вклучена во овие процеси. Ова беа главните поенти на Никола Мицевски координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ која поднесе интерпелација за шефот на дипломатијата барајќи морална и политичка одговорност.

-Никола Димитров од оваа говорница без никаков срам македонската нација ја нарече комплексирана и сето тоа заради тоа што Македонците не сакаат да се промени името на државата. За Никола Димитров не се нации со комплекс оние нации кои по секоја цена сакаат да избришат се што е македонско, туку македонската нација која што има право да се идентификува како што сака. Со ова тој го наруши угледот и достоинството на македонскиот народ, целата нација но и на Република Македонија- изјави Мицевски.

Одговарајќи на нападите Димитров главно се задржа на постигнатиот договор со Грција и рече дека за тоа што сработил говорат пофалбите од многу светски лидери. За обвинувањата дека ја навредил македонската нација рече:

-Кога јас реплицирав се повикав на изјава од ваш претходен колега кој што рече, зборувајќи во прилог на антиквизацијата – ние за прв пат го градиме македонскиот идентитет во 2010 година, на тоа се осврнав, небаре на македонскиот идентитет му треба гипс и не знам….не знам дали има мермер, главно е гипс и стиропор, за да биде горд македонски идентитет. Мојата реакција беше во одбрана на македонскиот народ од таа навреда, народот што јас го претставувам.- рече Димитров.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не пропуштија да го прозват Димитров и за доделената стипендија за студии во странство на неговата ќерка. На ова  тој рече дека им е потребно да се издигнат на едно повисоко ниво бидејќи употребуваат лични работи и дека стипендијата ја добива по автоматизам тој што се пријавил. Во своите обраќања Антонио Милошоски и Трајко Вељаноски го критикуваа дека ја менува политичката страна кога ќе се смени Владата и го нарекоа политички камелеон.

Расправата за интерпелацијата на министерот Димитров треба да заврши до полноќ кога пратениците ќе гласаат. За да биде прифатена интерпелацијата потребно е за неа да гласаат најмалку 61 пратеник.

Репортерка: Светлана Унковска

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни