Ана е единственото девојче кое учи во средното училиште „Михајло Пупин“ насока – електромонтери и електротехничари. Таа е втора година, со проектот „20-20-20“ поддржан од компанијата ЕВН. Ана и нејзините соученици велат дека условите во училиштето се добри, и дека насоката што ја изучуваат е доста привлечна. Откако ќе заврши училиште, сака да стане инженер по електротехника, па затоа ги повикува основците да се запишуваат на стручни профили.
Во дворот на училиштето се гради полигон за учениците кои учат за електромонтери и електротехничари. Според ЕВН, која всушност го спроведува проектот, преку новиот кабинет, учениците имаат можност да посетуваат практична настава и да се обучуваат според европски стандарди. Сите компоненти на полигонот, средствата и енергетските делови од кабинетот, се истите како оние што ги користат вработените во ЕВН во нивната секојдневна работа на терен.
-Нашиот систем се состои од три чекори. Во првиот, учениците треба во кабинет да ја научат теоријата и да учат за безбедноста при работа. Во вториот чекор тие треба да го покажат во пракса она што го научиле, затоа и го градиме овој полигон. Во последниот ден, учениците ќе работат на терен и ќе ја почувствуваат вистинската работа заедно со електромонтерите и електротехничарите кои имаат искуство-рече Штефан Петер, претседател на управниот одбор на ЕВН.
Преку проектот „20-20-20“, ЕВН од 2020 година ќе оствари нови 20 вработувања, со плата над 20.000 денари, веднаш откако учениците ќе завршат средно образование.
Во Средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“, на оваа насока во прва година запишани се 21 ученик, а во втора година се две паралелки со вкупно 34 ученици.
Репортерка: Алмедина Исмајли