Македонија

Нема да згаснат дел од предметите на СЈО по одлуката на Врховен, ОЈО ќе го продолжи нивниот живот

По вчерашната одлука на Врховниот суд дека на СЈО им се забранува покренување на нови нови обвиненија и отворање нови истраги по истекот на 18 месеци од преземањето на предметите од ОЈО, денеска Рускоска на прашањето дали нејзиното обвинителство ќе ги преземе овие предмети рече дека според Законот за СЈО, тие треба да им бидат предадени.

„Доколку не ни ги предадат, обвинителството според тој Закон не може да ги преземе и да ги бара“, рече Рускоска.

Доколку предметите бидат преземени, таа смета дека нејзиното обвинителство како докази ќе може да ги користи и бомбите.

„Кога тие снимки беа предложени како доказ од СЈО првостепениот суд ги одби, но по одлука на Апелација тие станаа доказ во предметите. Нема зошто таа одлука да не важи. Не е важно кој постапувал по предметот, кое Обвинителство, сите сме обвинители и одлука на суд е одлука на суд. Тоа е мое мислење“, одговори Рускоска.

Криминалот не смее да остане неказнет, очекувам дека Јавното обвинителство ќе продолжи со гонење рече денеска министерката за правда, Рената Дескоска.

„Ниту еден криминал не смее да остане неказнет, не смее да се бараат процедурални причини за вакво или такво постапување со цел да се избегне одговорноста. Одговорност за сторените кривични дела мора да постои и очекувам дека Јавното обвинителство ќе продолжи со гонење, без оглед каков ќе биде нивниот понатамошен став – кој ќе го продолжи гонењето“, изјави Дескоска.

Од СЈО не сакат да ја коментираат одлуката на Врховен, а со став се очекува да излезат следниве денови. Меѓутоа, синоќа зборувајќи за иницијативата на адвокатите, специјалниот обвинител, Трајче Пеливанов, рече дека за последните обвиненија како и за оние преземени од Јавното обвинителство, испрочитуван е рокот од 18 месеци.

Во СДСМ се уште не е разговарано за одлуката на Врховниот суд на РМ со која на СЈО му се одзема правото на водење предистражни и истражни дејствија кои проилегуваат од незаконски прислушуваните материјали, изјави денеска на прес-конференција пратеникот од оваа партија, Мухамед Зекири.

„Има многу разногласија во однос на тоа дали Врховниот суд има компетенции врз основа на тоа што го донесе како одлука вчера. Секако ќе ги искористиме сите правни механизми за да се види дали таа одлука што е донесена е согласно нивните овластувања или не“, рече Зекири на новинарско прашање на прес-конференција во македонското Собрание.

Член 22 од законот за СЈО предвидува специјалниот обвинител  да може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражна постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите во негова надлежност. Рокот од 18 месеци на СЈО за отворање на нови случаи, базирајќи се на прислушуваните материјали или предметите преземени од ЈО, истекол на 30 јуни 2017.

Врховниот суд на Република Македонија во текот на вчерашнито ден на општа седница донесе одлука да ги прифати иницијативите на адвокатите Боро Тасевски и Еленко Миланов.

Ј.П

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни