Јане Ченто, Игор Југ и лице со прекар Жабата носеле пиштоли во Собранието на 27 април, 2017 година и требало да ги убијат Зоран Заев, Дамјан Манчевски и Зијадин Села, денеска рече денеска обвинителката Вилма Рускоска повикувајќи се на исказот на загрозениот сведок С1.
На новинарско прашање дали меѓу организаторите ќе биде и избеганиот експремиер Никола Груевски со оглед на тоа дека во денешните завршни зборови според изјава на заштитен сведок беше посочен дека цело време се работело по негова наредба, Рускоска кусо изјави „Сметам дека треба да се стрпите да се донесе наредба за истрага“, пренесува СДК.МК.
Обвинителката Вилма Рускоска побара да бидат огласени за виновни сите 18 обвинети за упадот во Собранието на 27 април и за кривичното дело „терористичко загрозување на уставниот поредок“.
„Очекувам и организаторите на упадот во Собранието да застанат во истата оваа судница. Со обвинението докажавме дека на 27 април е изведен организиран, насилен упад во една од најважните институции на државата. Докажавме дека ова не беше спонтано, ниту резултат на зовриени емоции, туку беше со умисла планиран и спроведен напад од лица кои седат во оваа судница, но и оние кои благодарение на законот за амнестија не се веќе во судницата – рече таа.
Таа рече дека сведокот С1 посведочил дека упадот во Собранието се случило по директива на пребеганиот екс премиер, Никола Груевски.
„Сведокот Ѕ1 на главната расправа наведе дека Јане Ченто бил постојано во комуникација со Митко Чавков од кого добивал насоки во случај на влез во Собрание да се онеспособат камерите и бил информиран каде би можеле да се наоѓаат пратениците, во кој дел од Собранието. По настаните во Собранието, сведокот наведе дека Ченто и Нинџа биле лути на Чавков, дека ги организирал да влезат во Собрание по директива на Груевски, а сега ги оставиле на цедило“– рече Рускоска.