Претседателот на Собранието Талат Џафери ги отфрли обвинувањата на претседателот на Комисијата за следење на работата на комуникациите Емил Димитриев дека поради тоа што не одобрува средства за ангажирање експерти ги кочи процесите за реформи во следење на комуникациите.
Тој на погрешна адреса го испратил барањето, јас не сум тој што одобрува средства, рече Џафери на брифинг со новинарите. Димитриев изјави дека со претседателите на трите собраниски комисии одговорни за надзорот и контролата на службите за безбедност се договориле во рок од 10 дена да објават оглас за ангажирање експерти кои ќе и помагаат на комисијата во спроведувањето на надзорот на службите. Комисијата е работно тело на Собранието и логично е средствата да бидат обезбедени од Собранието. Се работи за мала сума од 20-тина илјади евра на годишно ниво, изјави Димитриев.