Свет

Објавен јавен повик за реконструкција на улици во Велес, Виница и Чашка

Објавен јавен повик за реконструкција на улици во Велес, Виница и Чашка

Министерството за транспорт и врски објави јавен повик за реконструкција на десет улици во три општини, во рамки на проектот за “Поврзување на локaлни патишта во општините”.

За општина Велес, јавниот повик се однесува за реконструкција на шест улици и тоа дел од улица „Живко Фирфов”, дел од улица „Благој Ѓорев”, дел од улица „АСНОМ”, дел од улица „Андон Шурков”, дел од улица „Лазо Осмаков” и дел од улица „Орце Мартинов”.

За општина Чашка, јавниот повик се однесува за реконструкција на улица „Ацо Шопов”, улица „Коста Кирков” и улица во н.м. Мелница.

За општина Виница, објавен е повик за реконструкција на локален пат с.Блатец – с.Делтово.

Средствата за реконструкција на конкретните улици, како што информираат од Министерството за транспорт и врски, се обезбедени од Владата на Република Северна Македонија, преку проектот за подобрување на локалните улици и патишта кој е со вкупна вредност од 70 милиони евра. Целта е подобрување на урбаното живење во рамки на општините заради локален економски развој и подобрување на животот на граѓаните.

Во рамките на овој проект, до сега опфатени се 46 општини или 94 улици со вкупна инвестиција од преку 17 милиони евра. Министерството за транспорт и врски континуирано работи на реализација на овој проект во сите општини во Република Северна Македонија и воедно упатуваат апел до сите општинте кои до сега не аплицирале, да достават готови проекти заради навремено искористување на средствата предвидени со овој проект.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни