166 милијарди 519 милиони денари им должат македонските граѓани на банките, заклучно со 30.9.2018-та година според податоците на НБРМ. Најмногу земаат потрошувачки кредити, 81 милијарда и 872 милиони денари, а најмалку автомобилски 320 милиони денари. Севкупното кредитирање на домаќинствата бележи релативно стабилен раст изминативе неколку години. Изминативе пет години, во просек, тој изнесува 11% на годишна основа. Иако поголемиот дел од кредитната поддршка за домаќинствата е наменет за финансирање на потрошувачката на физичките лица, сепак, од средината на 2015 година станбените кредити се најбрзорастечкиот сегмент од кредитното портфолио на домаќинствата, со годишни стапки на раст што тековно изнесуваат околу 15 проценти велат од НБРМ. Особено е значајно што квалитетот на кредитното портфолио од домаќинства е доста солиден. Учеството на нефункционалните во вкупните кредити на домаќинствата, подолг период наназад е стабилно на нивото од 2,4 отсто.
Од граѓаните со кои поразговаравме по случаен избор дознаваме дека сите користеле или користат кредит од банка, најчесто потрошувачки. Имаат забелешки за високите каматни стапки.
Кредитоспособноста, каматната стапака, дали е фиксна или флексибилна, клаузулите кои ги заштитуваат банките, но пред се подобрувањето на финансиската писменост, се многу битна при земањето кредит.
-Посебно треба да се спомене финансиската писменост на граѓаните , за која имаат одговорност како финанасиските интитуции така и централната банка. Со зголемување на финансиската писменост населението ќе биде позапознаено, заштитено кога ќе влегува во кредитен и финанскиски аранжман – рече Треновски.
Банките во последниот период не го следат комплетно движењето на референтната каматна стапка на Централната банка како што е секаде во светот вели професорот Треновски.
-Тука мислам дека има простор да се подобрат и законот за платен промет и другиот закон за заштита на потрошувачите оние кои земаат потрошувачки кредити каде што може да има некоја обврска каде ќе бидат потранспарентни институциите со тие мали букви колку би било нивното оптеретување и тука исто НБРМ би можела да придонесе многу повеќе – вели Треновски.
Кредитите тесно се поврзани со извршителите кои не се расположени за изјава за медиуми но, велат: извршувањето врз плата и пензија може да се спроведува до износот од една третина на платата или пензијата. Во случаи на побарувања заради издршка, надомест на штета заради загубена издршка поради смрт на давачот на издршката, може да се спроведе извршување до една половина од платата или пензијата. Должникот чија сметка е блокирана, а на истата таа прима плата односно пензија, неоходно е писмено да го извести извршителот и да презентира доказ кај извршителот со цел да се одблокира сметката во банка и да се продоложи извршување со остатокот од паричните средства кои не го зафаќаат законскиот минимум од 1/3 односно 1/5.
РЕПОРТЕРКА: АЛЕКСАНДРА ВЕЛИНОВА