Подводната пештера Врело во кањонот Матка го презеде првото место на светската листа на најдлабоко истражени подводни пештерски системи, откако меѓународен тим спелеонуркачи достигна рекордни 338 метри длабочина во рамките на експедицијата „Врело 2026“.
Со овој огромен подвиг беа поставени три светски рекорди, а македонскиот бисер го презеде приматот пред досегашните рекордери — Фонт Естрамар во Франција (312 метри) и Елефанте Бјанко во Италија (292 метри).
Три светски рекорди и два нови подводни канали
Како што соопштуваат од Спелеонуркачкиот клуб „Врело“, во периодот од 10 до 17 октомври меѓународен тим од 15 нуркачи од Македонија, Полска и Италија успеа да ја истражи пештерата за дури 51 метар подлабоко од досегашниот рекорд од 287 метри.
Со тоа беа поставени светски рекорди во три категории:
- Најдлабоко истражена пештера од човек;
- Најдлабоко нуркање во пештера;
- Најдлабоко длабинско нуркање на отворени води.
Покрај новата длабочина, експедицијата откри и два досега непознати подводни канали со вкупна должина од над 100 метри, со што мапата на пештерскиот систем е значително проширена за вкупно 150 нови метри.
„Првиот новоистражен канал се наоѓа на 300 метри од влезот на пештерата, на длабочина од 33 метри и е со должина од околу 100 метри. Тој завршува на длабочина од 10 метри каде што се спојува со кракот истражен уште во 2000 година. Вториот канал е на длабочина од 170 метри, долг е 30 метри и на 185 метри се спојува со главниот канал, кој досега беше единствениот познат длабински крак“, појаснуваат од СНК „Врело“.
Деветчасовна операција и поддршка од елитните служби
Рекордното нуркање го изведе полскиот спелеонуркач Бартломиеј Питала, а целата операција траеше дури девет часа. Неговото безбедно враќање на површината го следеа 12 поддржувачки нуркачи распоредени на различни длабочини и временски интервали, додека на површината раководеше координациски тим со медицинска и спасувачка поддршка.
„Финалното нуркање беше внимателно планирано. Во текот на сите девет часа, во состојба на целосна приправност беа хипербарична комора со специјализиран медицински тим за декомпресиска болест, Хеликоптерската единица на МВР, нуркачките тимови на САЕ ‘Тигар’ со брзи чамци и специјални возила, како и екипа на Итната медицинска помош“, истакнуваат од клубот.
Македонска иновација: Сопствена подводна воздушна комора
За потребите на оваа експедиција, македонскиот тим за првпат самостојно конструираше и постави подводна воздушна комора (хабитат) на длабочина од 8 до 9 метри, на околу 130 метри внатре во пештерата. Комората, која на крајот беше означена со македонското знаме, служеше како престојувалиште за нуркачите за време на долгите и ризични декомпресиски состави.
Дополнително, во пештерата беа поставени повеќе од 30 боци со различни мешавини на гасови на десетина локации и длабочини, како и резервни батерии за греење и осветлување, што овозможи успешно и безбедно завршување на оваа историска експедиција.