Македонија

Тетовци неколку години бараат јавен транспорт, општината се надева на Светска банка

Јавниот транспорт и натаму останува еден од најголемите проблеми на Тетово. Откако отиде во стечај Превозното претпријатие „Полет“, граѓаните се приморани да патуваат со комбиња, да пешачат или да користат автомобили, нешто што влијае врз нивниот џеб, загадувањето, но и во сообраќајниот метеж.

Жителите на Тетово веќе неколку години немаат јавен транспорт. Оваа дејност ја вршат приватни фирми, но немаат одредено паркинг место или работно време.

Тетовци велат дека јавниот транспорт е повеќе од потребен, но многумина од нив одбија да зборуваат пред камерата на ТВ21.

Во јуни 2018 година, градоначалничката на Тетово, Теута Арифи изјави дека јавниот транспорт е еден од приоритетите.

-Што се однесува до јавниот транспорт, како што знаете тој е еден од нашите заложби. Ние основавме Претпријатие за јавен транспорт, но ставањето во функција е дел од нашите анализи, за тоа да биде ефикасно и да ги даде потребните резултати и да придонесе во намалувањето на загадувањето, а не обратно. Ние остануваме посветени на ова прашање, и ги разгледуваме можностите за наоѓање на партнери во овој правец. – рече Арифи.

Како што се чини приватното-јавно партнерство се уште не е најдено. Кога ја прашавме општината, од таму ни рекоа дека бараат пари од Светската банка за набавка на автобуси.

-Општина Тетово нема финансиски можности за да има таква јавна набавка. Поради неможноста да најдеме начин со Владата на Република Македонија, за набавка на автобуси како што направи Град Скопје, ние преземавме иницијатива и се обративме до Светската банка за неколку проекти и еден од овие капитални проекти е набавката на неколку градски автобуси, односно на пет автобуси. Веруваме дека со завршувањето на овој конкурс од Светската банка, на општина Тетово ќе и се обезбедат средства за набавка на пет автобуси – изјави Фазлиу, портпаролот на Општина Тетово.

Освен јавниот транспорт, едно од предизборните ветувања беше и изградба на основно училиште во Мала Речица, но ниту овој проект за жал не е реализиран.

РЕПОРТЕР: АРМЕНД АБАЗИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни