Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека конфликтот со Русија нема да заврши додека не се ослободи полуостровот на Црното Море, анектиран од Москва, јавија ДПА и БТА.
„Крим е украински и никогаш нема да се откажеме од него“, рече Зеленски во своето вечерно видео обраќање. „Црноморскиот регион не може да биде безбеден додека Крим е окупиран“, рече тој. „Нема да има стабилен и траен мир во многу земји на брегот на Средоземното Море се додека Русија може да го користи нашиот полуостров како своја воена база“, додаде Зеленски.
„Оваа руска војна против Украина и против цела слободна Европа започна со Крим и мора да заврши со Крим – со неговото ослободување“, рече и украинскиот претседател.
Вчера беа пријавени експлозии во руска воена база на Крим, потсетува ДПА. Причината првично беше нејасна, а владата во Киев не ја презеде одговорноста, иако Њујорк Тајмс објави дека украинската војска нападнала клучна руска воздухопловна база со неоткриено оружје.
Крим е под контрола на Москва откако Русија го анектираше полуостровот во 2014 година.