Најмалку 30 лица загинаа, а десетици се тешко повредени во судир на два патнички воза во близина на Урда, јужно од Мадрид, јавува Би-би-си, повикувајќи се на регионалните власти. Во двата воза патувале повеќе од 500 патници.
Претседателот на регионот Кастилја-Ла Манча, Емилијано Гарсија-Пахе, предупреди дека бројот на загинатите може дополнително да се зголеми, бидејќи спасувачките екипи сè уште не успеале да пристапат до сите делови од оштетените вагони.
Во несреќата учествувале возови на компаниите „Ренфе“ и „Ирјо“. Според шпанската телевизија РТВЕ, која се повикува на Министерството за транспорт, воз на „Ренфе“ удрил во задниот дел од воз на „Ирјо“, по што два вагона излетале од шините. Причината за несреќата сè уште не е официјално потврдена.
На местото се ангажирани пожарникари, медицински екипи и хеликоптери. Снимките покажуваат превртени вагони покрај пругата и голем број спасувачи кои им помагаат на патниците.
Преживеаните опишуваат силен удар, по кој патници биле исфрлени од седиштата, а багажот летал низ вагоните. Еден од патниците изјавил дека по судирот почувствувал чад, по што започнала евакуација.
Болниците во Толедо, Сиудад Реал и Алкасар де Сан Хуан ги одложиле планираните операции за да ги згрижат повредените, пренесува шпанската новинска агенција ЕФЕ. Центрите за трансфузија во Мадрид и Толедо упатиле апели за дарување крв.
Шпанскиот премиер Педро Санчез изрази потресеност од несреќата и соопшти дека е во постојан контакт со министерот за транспорт. Кралското семејство изрази сочувство до семејствата на загинатите и поддршка за спасувачките екипи.
Железничкиот сообраќај меѓу Мадрид, Сиудад Реал и Андалузија е во прекин.