Египетскиот премиер Мостафа Мадбули го објави планот на владата за намалување на потрошувачката на електрична енергија во позадина на глобалната енергетска криза, пренесе Ал Ахрам, цитиран од БТА. Целта е да се користи помалку природен гас за производство на електрична енергија и заштедените суми да се пренасочат кон извозот за да се зголеми заработката од девизи.
Меѓу мерките кои ќе стапат на сила од четврток е и воведување на дневен режим за заштеда на светлина за големите трговски центри, при што нивното работно време завршува во 23 часот.
Според планот, фасадите на владините згради нема да бидат осветлени во текот на ноќта, ќе се намали уличното осветлување, а централните единици за климатизација во јавните згради и трговските центри ќе бидат поставени на најмалку 25 степени.
Предвидено е и намалување на осветлувањето на спортските клубови и стадиони, како и поставување на штедливи ЛЕД тела за осветлување во сите спортски објекти.
Египет има повеќе од 25 отсто вишок на електрична енергија, според Министерството за електрична енергија. Гасот се користи за најголем дел од производството на електрична енергија во земјава, но плановите се производството од обновливи извори да достигне 42 отсто до 2035 година.
Египетските власти го одложија планираното периодично зголемување на цената на електричната енергија. Ќе стапи на сила од почетокот на јануари следната година, наместо од јули годинава, со цел да им се олесни на луѓето кои страдаат од високата инфлација и растот на цените на стоките и услугите.