Македонија

Со прикажување на ПИ мерките продолжи судењето за „Монструм“, нејасно останува надлежноста на СЈО

Судењето за предметот Монструм на Специјалното јавно обвинителство за петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година продолжи со прикажување на посебните истражни мерки, односно се работи за телефонски разговори и смс пораки. Судијата Огнен Ставрев ја затвори седницата за јавност, но единствено дозволи присуство на претставници на ОБСЕ и Коалицијата за правично судење. За овој предмет кој СЈО го презеде во февруари минатата година се отвораат дилеми за поднесувањата на обвиненија, откако Врховен оцени дека законскиот рок од 18 месеци за СЈО измина. Адвокатот Насер Рауфи вели дека СЈО треба да ја има надлежноста поради тоа што ги има прислушуваните разговори.

„Сакаме да се утврди вистината и фактичката состојба и овие разговори само ќе помогнат за утврдување. Причина повеќе што ние немаме што да криеме тие се битни и да ја докажат невиноста на овие обвинети. Ниеден разговор кој на незаконит начин е прибавен досега не е изведен. Мислам дека со изведувањето на овие само ќе се потврди одлуката на Врховен суд“, вели Рауфи.

Според Дафинка Иванова правната застапничка на семејствата на убиените момчиња прашува дали има потреба да се слушаат разговорите кои немаат суштинско значење и кои само придонесуваат уште повеќе да се одолговлекува случајот.

„Шест години поминаа еве веќе седма поминува. Уште колку време ќе помине дали пинг понг ќе си играат институциите. Не станува збор само за жртвите, станува збор за сите граѓани“, рече Иванова.

Случајот Монструм беше преземен од Специјалното јавно обвинителство во февруари минатата година, кога се почна од почеток. Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите и ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им одреди мерки на претпазливост.

РЕПОРТЕР: СВЕТЛАНА УНКОВСКА

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни