Во изминатите четири недели, бројот на смртни случаи од коронавирусот е зголемен за 35%, а ризикот од ширење на инфекцијата ќе се зголемува како што се приближува студената сезона на северната хемисфера. Ова го изјави генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус на брифинг во Женева.
„Бројот на регистрирани смртни случаи од СОВИД-19 е зголемен за 35% ширум светот. Само во последната недела починаа 15.000 луѓе. Ова е целосно неприфатливо бидејќи имаме алатки за спречување на инфекции и спасување животи“, рече шефот на СЗО.
„Со приближувањето на студеното време на северната хемисфера и поминувањето повеќе време во затворени простории, ризикот од повеќе инфекции и хоспитализации само ќе се зголеми во наредните месеци“, нагласи Гебрејесус. Тој објасни дека тоа не се однесува само на Ковид, туку и на други болести, вклучително и грип.
„Сите сме уморни од овој вирус и од пандемијата, но вирусот не е уморен од нас“, продолжи генералниот директор.
Тој изјави дека повеќе од 90% од патогените на ковид откриени за време на лабораториските тестови сега припаѓаат на подвидот BA.5 на сојот Омикрон. Гебрејесус го привлече вниманието на фактот дека земјите се помалку подготвени да споделуваат податоци за резултатите од секвенционирањето. Споредено со почетокот на оваа година, неделниот број на регистрирани вакви размени е намален за 90%, а бројот на земји кои даваат податоци е намален за 75%.