Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган утрово замина во посета на западниот украински град Лавов, каде ќе се сретне со неговиот украински колега Володимир Зеленски и генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, јави Anadolu Agency.
Ердоган ќе има билатерална средба со Зеленски во Палатата Потоцки и со него ќе разговара за сите аспекти на турско-украинските односи на ниво на стратешко партнерство.
По разговорот Ердоган-Зеленски ќе следи трипартитната средба на која ќе учествува и Гутереш. Тројцата ќе разговараат за чекорите што може да се преземат за запирање на руско-украинската војна преку дипломатски средства и со зајакнување на активностите на механизмот воспоставен за извоз на украинско жито на светските пазари, се вели во соопштението на турското претседателство.
По Украина во сабота, генералниот секретар на ОН Гутереш ќе престојува во Турција, каде ќе го посети Заедничкиот координативен центар во Истанбул според договорот за извоз на украинско жито од 22 јули.